Амбасада на Република Северна Македонија во Полска

Најнови вести

Османи, Лајчак и Рау во Познан имаа заедничка изјава за медиумите

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи по завршувањето на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – В4 и земјите од Западен Балкан – ЗБ6, во својство на претседавач со Фондот за Западен Балкан, заедно со полскиот министер за надворешни работи, Збигњев Рау и Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за Западен Балкан, имаа изјави за медиумите. Османи истакна дека Вишеградската четворка претставува пример и инспирација за начинот на кој треба да се одвива регионалната соработка меѓу земјите од Западниот Балкан. „Ние навистина имаме извонредна можност да научиме од вашите искуства. Особено во поглед на тоа како, и покрај постоењето на одредени разлики, вие сепак успевате да разговарате и да градите заеднички позиции за важни прашања пред важни европски совети и самити“, нагласи Османи. Во изјавата, Османи се осврна и на процесот на проширување, регионалната соработка, како и за очекувањата од претстојното Словенечко претседателство со Европската унија и во тој контекст нагласи: „Последните Совети на ЕУ, покажаа дека разговорите околу начинот на кој треба да се обезбедат делотворни процеси на пристапување за сите наши земји не се завршени, туку напротив, можеби само што започнале. Република Северна Македонија искрено се надева дека за време на Словенечкото претседателство со ЕУ ќе имаме поподготвен терен за донесување важни одлуки во врска со европската перспектива на земјата и на целиот регион“. Состанокот на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – В4 и земјите од Западен Балкан – ЗБ6, оваа година се одржува во Познан, во рамките на полското претседавање. Министрите на маса имаа бројни теми за дискусија како што се градењето на мерки за економско заздравување од пандемијата, продлабочувањето на заедничкиот регионален пазар, инвестициите во образованието, дигитализацијата и другите инфраструктурни проекти и зелени иницијативи, како и други теми од поширок меѓународен карактер.

 

Познан, 28 јуни 2021 година

Османи од Познан: Отворивме важни прашања за иднината на пристапниот процес со земјите од регионот

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група – В4 и земјите од Западен Балкан – ЗБ6, кој во рамките на полското претседавање се одржа во Познан.

Централна тема на состанокот беше процесот на проширување на ЕУ и последните  случувања поврзани со последните Самити на ЕУ. Во присуство на Специјалниот Претставник на ЕУ за регионалните прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак и на МНР на Хрватска, беа отворени прашања за иднината на пристапниот процес со земјите од регионот како двонасочен процес што подразбира исполнувања од двете страни, како и одразот на сите овие прашања врз кредибилитетот и интегритетот на ЕУ во регионот и глобално. 

Османи упати благодарност до претстојното словенечко претседателство за нивните планови и приоритети во однос на Западниот Балкан, но и за напорите на португалското претседателство за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. 

„Земјата во изминатите години вложи исклучителни напори за да го отвори преговарачкиот процес; соодветно, секое одложување на овој старт создава одредени фрустрации и недоверба кон процесот на проширување. Но и покрај овие предизвици, ние не само што не се откажуваме од сопствената европска иднина, туку продолжуваме и со активен ангажман во надминување на недоразбирањата со нашиот сосед, како и со нашиот активен ангажман во заштита и промоција на европскиот кредибилитет во регионот“, истакна Османи.

Министрите, без исклучок испратија силна порака да се продолжи со напорите за донесување на неопходните одлуки во рамките на словенечкото претседателство до крајот на годината, ја нагласија важноста од продолжување на процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ и ја истакнаа важноста на преговарачкиот процес за внатрешните реформи на земјите, како и за севкупна позитивна трансформација на Регионот.

На состанокот голем дел од разговорите меѓу министрите беше посветен и на регионалната соработка во контекст на економското заздравување на Регионот, продлабочувањето на соработката во областите на заедничкиот регионален пазар, дигитализацијата, зелената агенда, како области со голем потенцијал за економско заживување на Регионот.

Османи се заблагодари на поддршката што Вишеградската група ја дава на Регионот, која е изразена преку голем број конкретни проекти. Во тој контекст  се осврна на  годинешното претседавање на Северна Македонија со Фондот за Западен Балкан, чија работа во голем дел е поддржана од Меѓународниот Вишеградски фонд и В4 групата. Тој  ги изложи приоритетите на претседавањето на земјата со Фондот кои се однесуваат на негов натамошен раст, зголемена проектна активност и јакнење на регионалната сопственост врз неговата работа.

Министерот Османи ја претстави МКартата, наменета за наши истакнати личности во странство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес на конференција за новинари го претстави проектот МКАРТА, наменета за поединци со потекло од Република Северна Македонија, како симболично признание за нивниот несебичен ангажман во насока на промоција на државата надвор од нејзините граници. МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на Северна Македонија во странство, нагласи Османи. „Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин - да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи не како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе“,  додаде тој. „Во еден подолг минат период, голем број луѓе не само што ја имаат напуштено земјата, туку и имаат остварен посебен истакната професионален и општествен успех таму каде што се наоѓаат. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови„, истакна Османи. Идејата е таквите поединци да бидат дел од една поширока мрежа која подлабоко би била вклучена во општествените текови во државата. Целиот процес поврзан со МКартата ќе го координира Министерството за надворешни работи. Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично. Во соработка со други Владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности. Планирано е детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија во странство, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.

Туристички дестинации

Баба Планина, Битола

Охридско езеро, Охрид

Дојранско езеро, Дојран